Денот е 4 декември 1872 година. Екипажот на британскиот брод „Dei Gratia“ е малку изненаден од глетката. На пет километри од португалскиот брег забележаа искинати едра и брод кој неконтролирано се ниша на брановите. Решаваат да му пријдат.
Главниот офицер на „Die Gratie“, Оливер Девео, е првиот што се качува на залутаниот брод. На палубата затекнува многу вода, но сè друго е наизглед во ред. Освен тоа што бродот е празен, без патници. Недостасува само еден чамец за спасување.
„Мери Селест“ – брод на духови
Неполн месец претходно, во мугрите на 7 ноември, бродот „Мери Селест“ испловил од пристаништето во Њујорк и се упатил кон Џенова. Негов капетан е искусниот Бенџамин Бригс, а со него пловат и помошникот, Алберт Ричардсон, пет членови на екипажот и сопругата на капетанот со нивната двомесечна ќерка.
Пред да стане „Мери Селест“, бродот бил регистриран во Британија во 1861 година под името „Амазон“. По неколку несреќи, вклучувајќи и ненадејна болест и смрт на првиот капетан, како и судир со друг брод на Ла Манш, Амазон е продаден и добива нов сопственик, капетанот Бригс, кој го преименува во „Мери Селест“.
До денот кога е пронајден како плови празен по Атлантикот, Бригс немал пријавено проблеми со овој брод.
Кога е пронајден, на него е затекнато сѐ што било товарено во Њујорк. Резервите за шест месеци патување биле недопрени. Личните работи на патниците и на екипажот биле уредно оставени на своите места. На бродот преживеале дури и едно пијано и машина за шиење. Немало траги на кражба или насилство, па нападот од океански разбојници е исклучен.
Треба да се напомене дека ниту еден друг брод што пловел по тој пат не пријавил невреме.
Со оглед на тоа што членовите на екипажот ги оставиле дури и лулињата зад себе, е единствениот заклучок дека бродот веројатно бил напуштен во паника.
Но, зошто капетанот би наредил толку итна евакуација на екипажот и патниците, меѓу кои и неговата сопруга и ќерката?
Во последниот запис во дневникот на бродот се наведува дека на 25 ноември, бродот е оддалечен околу 800 километри од местото каде што екипажот на бродот „Деи Грација“ го наоѓа девет дена подоцна.
Покрај грабежот и невремето, кои се отфрлени, имало и некои други теории за причината за исчезнувањето на екипажот – од паранормални појави, напади од џиновски октоподи или морски чудовишта, до подземни бранови и земјотреси. Сепак, ниту едно никогаш не е докажано.
Најприфатената теорија е истовремено една од најневозможните.
По детална истрага, утврдено е дека недостасуваат девет од 1701 буриња на бродот. А, тоа се девет буриња направени од обичен даб, наместо од бел даб, како сите други буриња. Тоа е попорозно дрво, па можноста за истекување е поголема.
Затоа, многу експерти се убедени дека истекувањето на алкохол можело да предизвика негово испарување и оти имало искра поради триење меѓу прстените на две соседни буриња. Бидејќи магацинот бил отворен, пламенот и чадот брзо стигнале до палубата, поради што, според оваа теорија, екипажот најверојатно мислел дека бродот ќе експлодира, па го напуштиле бродот.
Сепак, на бродот не се пронајдени траги од пожар, а се поставува прашањето зошто екипажот не се вратил на бродот, кога сфатиле дека нема да изгори?
Телата, како и чамецот за спасување, никогаш не биле пронајдени, а роднините и пријателите тврдат дека никогаш не слушнале за исчезнатите.
Капетанот Бригс и неговата сопруга Сара зад себе оставиле седумгодишен син кој не можел да оди на патување, па едно од тврдењата дека избегале и го продолжиле животот во Шпанија или Португалија е малку веројатно.
Бродот Мери Селест и судбината на неговиот екипаж останаа една од најголемите мистерии во историјата на морепловството до ден-денес.