Како љубопитни суштества, постојано ја преиспитуваме и мериме брзината на различни нешта. Со прилична прецизност, научниците ја измерија брзината на светлината, брзината на звукот, брзината со која Земјата орбитира околу Сонцето итн. Но, што е со брзината на мислата? Се чини моментална, но за колку време таа се оформува?
Најпрво, за да се измери брзината на било што, треба да се идентификува неговиот почеток и крај. За таа цел, мислата ќе ја дефинираме како ментални активности кои започнуваат од моментот кога е примена сензорната информација, до моментот кога започнува одредена реакција. Па така, мислата ги вклучува процесите поврзани со перцепцијата (одредување на она што се наоѓа во средината, како и тоа каде се наоѓа), донесувањето на одлуки (одлучување што да се прави) и планирањето на постапките (како да се направи).
Идентификувањето на само една вредност за брзината на мислата е исто како да се обидуваме да идентификуваме една максимална брзина за сите форми на транспорт, од велосипеди до ракети. Постојат различни мисли кои може да варираат во однос на временската рамка. Земете ја на пример брзата реакција на тркачот кој започнува да трча веднаш по звукот на свирката или пиштолот (која се случува во текот на околу 150 милисекунди), во споредба со посложената одлука на возачот кој треба да ја смени лентата на автопатот (која се случува во текот на неколку секунди до неколку минути).
Мислите се невидливи, па што тогаш треба да измериме?
Мислата е внатрешен индивидуален процес кој тешко се набљудува. Се должи на интеракцијата меѓу сложените невронски мрежи дистрибуирани низ периферниот и централниот нервен систем. Научниците, со помош на функционална магнетна резонанца и електроенцефалографија, можат да видат кои делови од мозокот се активни за време на различни мисловни процеси, и како информацијата се движи низ нервниот систем. Но сепак, се’ уште не сме ни блиску до поврзувањето на тие сигнали со менталните настани што ги претставуваат.
Многу научници сметаат дека најдобрата мерка за брзината или ефикасноста на мислата е времето на реакција. Овој пристап има смисла бидејќи мислите се изразуваат со реакции, односно постапки. А на реакциите влијаат главно три фактори:
- Растојанието – колку подалеку треба да патува сигналот, толку е подолго времето на реакција. На пример, времето на реакција на нозете е подолго отколку на рацете бидејќи сигналот што патува од и до мозокот треба да помине поголемо растојание.
- Карактеристиките на невроните – сигналите се пренесуваат побрзо во пошироките неврони
- Сложеноста – зголемувањето на бројот на неврони кои се вклучени во мислата значи поголемо апсолутно растојание кое сигналот треба да го помине, што пак значи подолго време на реакција. Покрај тоа, помеѓу повеќето неврони нема физички контакт, па сигналот се пренесува преку невротрансмитери (молекули) кои патуваат низ малите простори меѓу нервните клетки наречени синапси. За сето тоа е потребно повеќе време (најмалку 0,5 милисекунда по синапса).
Иако сме свесни за нашите мисли, како и за движењата односно реакциите кои резултираат од нив, забележана е разлика од 15 – 100 милисекунди во времето кога мислиме дека сме го започнале движењето и времето кога навистина сме го започнале. Не е јасно зошто ова се случува, но се смета дека луѓето најчесто сметаат дека го започнале движењето во моментот кога ја донеле одлуката.
Овие наоди покреваат важни прашања за планирањето и контролата на нашите реакции, бидејќи очигледно постои разлика помеѓу нашата одлука за реакција и нашата перцепција за почеток на реакцијата.
Иако не може да се одреди само една брзина на мислата, анализирањето на времето кое е потребно за да се испланираат и извршат постапките овозможува значаен увид во ефикасноста на нервниот систем.